Вработени во Македонска филхармонија поднесоа петиција до Министерството за култура за итно разрешување на в.д. директорот Даниел Лазаровски. Причина е, како што се наведува, во неговото непрофесионалното и неуко менаџирање кое има големи негативни последици врз целокупното функционирање на институцијата. Петицијата ја потпишаа 100 вработени во Македонска филхармонија.
Во соопштението се наброени постапките на в.д. директорот кои се косат со законските обврски и домаќинското управување со оваа културна институција. Притоа се наведува нарушување на воспоставена меѓународна соработка од страна на Лазаровски, неговите закани и мобинг кон вработените, како и злоупотреба на службената положба и овластувањ и кршење на синдикални права.
-В.д. директорот еднострано го раскинува потпишаниот договор за шеф диригент со маестро Јерухам Шаровски од Израел, по што е покрената правна постапка против Македонска филхармонија од страна на маестрото. Истата ќе предизвика сериозни финансиски импликации и нарушување на функционирањето и угледот на институцијата на меѓународната сцена. Оркестарот е целосно изолиран од меѓународни соработки, проекти и турнеи по назначувањето на Лазаровски за в.д. директор. Дополнително, како резултат на непостоењето, односно непреземањето на промотивни активности за јубилејот 80 години Македонска филхармонија, институцијата се соочува со драстичен пад на публиката на редовните концерти, се наведуав во петицијата.
Се додава дека одредени музичари се назначуваат спротивно на работната позиција за која што засновале работен однос, па вработените кои ги назначува во составот на пониска позиција, ги деградира, а оние на повисока ги става во незавидна положба. Како резултат на тоа меѓучовечките односи се нарушуваат и тимската работа виси на конец, а изостанува и соодветната комуникација помеѓу директорот и вработените.
-Уште повеќе, в.д. директорот без обезбедени материјали и средства за работа, се обиде со различен тип на закани кон вработените, да спроведе реаудиција на музичарите. Спротивно на Законот за работни односи, на одредени вработени во институцијата им се толерира отсуство од работа повеќе од 3 дена. Спротивно на Законот за јавни набавки и Договорот за јавна набавка за потрошен материјал, в.д. директорот му ја исплатува на добавувачот целосната сума пред испорака и проверка на потрошниот материјал (предмет на набавката), со што и оневозможува на институцијата да поднесе рекламација, замена, намалување на цената, тврдат вработените.
Тие додаваат дека на Македонска филхармонија, како и на сите останати институции од културата во земјава им се потребни управители со долгорочна визија за развивање и унапредување на уметноста и културата.
-За жал, сегашниот в.д. директор на Македонска филхармонија со своите постапки не покажа дека има капацитет да управува и раководи со една од најзначајните културни институции во земјата, се потенцира во обраќањето.