Неколкучасовни блокади на граничните премини Ники (Меџитлија) и Евзони (Богородица) кон Македонија, но само за камиони, најавија грчките земјоделци, кои продолжуваат со нивните активности во пресрет на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Земјоделците од северозападна Грција од 12 часот по локално време го затворија преминот Ники, но само за товарни возила, кои во најголемиот дел се камиони што пренесуваат лигнит, додека пак сообраќајот на автомобили од и кон Македонија од грчка страна се одвива регуларно.
Блокадата според најавите се очекува да трае до 15 часот по локално време.
Претставници на земјоделците, вкупно 15 лица од цела Грција утре напладне ќе се сретнат со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина, а не е исклучена можноста доколку нема договор на утрешната средба, дополнително да ескалираат активностите и да резултираат со целосни блокади како на автопатите така и на граничните премини.