Треба ли и децата да седат позади во возилото кога му лепат „НМК“?

Во сетиот хаос кој настана со наметнатото менување на личните документи фалаше уште и фамозни и нејасни налепници да мора се ставаат на регистарските таблички. И властите бараат сето тоа брзо да се постаса.

И наместо сите тие ултимативни постапки да се поедноставеа за да не ги дополнително оптоваруваат и понижуваат граѓаните – се прави спротивното. На пример – морало за налепниците, да се отиде со возилото во техничките станици, да се пополнат формулари и лепењето да го изврши тамошно лице.

И очекувано, веќе вчера настана метеж, редици возила, долго чекање, пополнување на некакво си барање, чекање на службеници да ги залепат двете налепници, снимање преку видео – надзор… сето ова стана амбиент во којшто се врши ставањето на налепниците со фамозната ознака „НМК“ на регистарските таблички. Станиците за технички преглед станаа претесни за да ги примат сите возила чиишто сопственици сакаат да си ја исполнат обврската.

Зошто државните институции се мајстори за комплицирање на работите?

Настана истата слика како од пунктот за вадење на лични документи во полициската станица „Пролет“. Пак граѓаните чекаат во колона, пак се губат неколку часа од денот, пак нервози…

Зарем не беше доволно искомплицирано што налепниците ги донесоа за делење само еден ден пред ултимативниот рок? 

Тој голем пропуст можеа да го покријат со поедноставна процедура за лепење, но според направениот Правилник, сопственикот на возилото треба да дојде во станицата за технички преглед, да приложи сообраќајна и возачка дозвола, да пополни барање, а потоа налепницата под видео надзор и од страна на вработените ќе им биде залепена на регистарската таблица. Колку време за ова е потребно лесно може да се пресмета.

-Зошто мора да доаѓам со возило во станицата за технички преглед. Па да има толкави гужви? Нека ми ја дадат сам ќе си ја залепам дома, напиша еден граѓанин на социјалните мрежи.

Друг прашува: „Зошто олку комплицирано, кога може да биде упростено.? Ова е чудо невидено…

-Што има да се снима лепење на стикери. Секој со сообраќајна ќе се јави на шалтер и ќе подигне две налепници, на сообраќајната во забелешки ќе се пише „НМК“ и печат за да се знае дека веќе подигнал налепници и готово. Секој нека лепи сам дома, додава еден скопјанец.

-Добро е што не им текна дека и децата треба да ми бидат во возилото кога ќе ја лепат налепницата, ироничен е друг жител на македонската метропола.

Еден граѓанин, пак, пишува дека и ова е доказ дека во нашата држава се случува нешто што го нема во ниту една друга.

-Во Македонија, како по обичај, се што треба да се направи мора да биде комплицирано. И со многу нервоза и непочитување на народот. До каде догуравме…, наведе тој.

Од МВР деновиве не објаснија кои биле причините поради кои е пропишана ваквата процедура. Всушност и не треба да објаснуваат, туку веќе денеска да ја упростат постапката

Претходна вестСпасовски со илегален Правилник воведе „Северна” во лични карти и на ист начин Тошковски може да ја укине, вели Апасиев
Следна вестБуфон: Мојот најголем срам е што ја купив средношколската диплома