Центар за култура Битола во соработка со НУ Камерен Оркестар на Битола со гордост го најавуваат својот традиционален концерт „Засекогаш во срцата“ посветен на Тоше Проески. НУ Камерен оркестар на Битола по шести пат го организираат концертот „Засекогаш во срцата“.
Годинава ќе се одржат два концерти во чест на Тоше Проески, Кире Костов и Драган Каранфиловски – Бојс, информираат од НУ Камерен оркестар.
Како и секоја година, покрај македонски изведувачи, во проектот поддржан од Министерството за култура, на сцената ќе се појават и гости од соседните држави, кои ќе ги изведат најдобрите песни на Тоше во оркестарски аранжман.
На два концерти на 16 февруари, најдобрите хитови на Тоше Проески, Кире Костов и Драган Каранфиловски – Бојс ќе бидат изведени од Гоца Тржан, Ристо Самарџиев, Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Бојан Стојков, Александра Трајческа и Катерина Јовановиќ во придружба на Камерен оркестар на Битола.