Тимот на Алексеј Навални објави дека неговото тело не е во мртовечницата каде што надлежните рекле дека го чуваат.
Кира Џармиш, портпаролка на рускиот активист и политичар, рече дека мајката и адвокатот на Навални пристигнале во мртовечницата во Салехард, град во близина на затворот каде што тој одлежувал казна, но таа била затворена, пренесе „Би-би-си“.
Во објава, Џармиш вели дека и двајцата биле уверувани оти неговото тело е таму од страна на казнената колонија.
-Адвокатот се јави на телефонскиот број на вратата. Му рекоа дека е седмиот што се јавил денеска. Телото на Алексеј не е во мртовечница, рече таа.
На 16 февруари Федералниот оддел за поправни служби на автономниот округ Јамало-Ненец ја објави смртта на Алексеј Навални (47) во казнената колонија каде што ја издржуваше казната.
Според ова одделение, Навални по прошетката се чувствувал лошо и се онесвестил, медицинските службеници веднаш притрчале на помош на осуденикот и почнале со реанимација која траела повеќе од половина час.