Државниот притвор за една третина од македонското население поради неможноста да удоволи на власта и да има патни исправи со „северна“ уште трае. И, како што се гледа дури и од авион – уште многу ќе трае.
Во „притвор“ се и македонски граѓани кои живеат и работат во странство. Тешко можат да дојдат во Македонија, а потоа враќањето да речеме во Италија, Германија… им е крајно неизвесна.
Едноставно нашата држава врши сериозно кршење на човековите права околу слободното движење. За понижувањето и малтретирањето ич да не зборуваме.
И за да се ублажела оваа состојба деновиве во авион се качи министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Патува низ Европа и надгледува како се реализира (по конзулатните преставништва) дополнителната реорганизација на работата околу издавањето на патни исправи.
Вчера бил во посета на македонскиот генерален конзулат во Венеција. Таму ќе се работело во две смени.
Османи побарал од дипломатите во претставништво да вложат повеќе напори, со цел да се скрати времето на чекање при поднесување на барање и подигнување на патните исправи.
-Комодитетот на нашите државјани кога доаѓаат во Конзулатот како и брзите и ефикасни услуги, претставуваат приоритетна задача за сите нас. Има бројни предизвици, но мора да се организираме на најдобар можен начин, истакнал Османи.
Убаво што се растчал министерот. Ама, зошто тоа не се направи многу, многу порано? Ултимативниот рок што го наметна токму владата на Османи одамна помина, затоа нели беше поарно за да се избегне хаосот растрчувањето да се направи пред 7-8 месеци?
И зошто Османи ако веќе и самиот гледа дека работава е врвка, не се бори, не бара начин, патните исправи без омилениот збор на власта – „северна“ да важат барем до крајот на годината? Да, тој порано беше дури и против тоа, но еве сега гледа дека многу граѓани се обесправени.
Време е Османи да се пишмани за пасошите!