Уставниот суд и Mисијата на ОБСЕ во Скопје склучија Меморандум за разбирање со кој се овозможува промоција и унапредување на принципите на владеењето на правото и основните права и слободи на граѓаните. Мисијата на ОБСЕ се приклучува кон славењето на 60-годишниот јубилеј на Уставниот суд кој се одбележува оваа година и по тој повод ќе ја поддржи меѓународната конференција во март на која се предвидени учесници од 15-тина делегации, вклучувајќи претседатели и судии од повеќе Уставни судови, експерти од областа на уставното судство.
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска изрази голема благодарност до амбасадорот Килијан Вал за препознавање на вредностите коишто ги промовира Судот и неговата улога во правниот поредок.
-Како суд, но и како држава благодарни сме што сте наши партнери во поддржување на долгата традиција и континуитет на работењето на Уставниот суд цели 60 години. Нашата држава како една од шесте републики во поранешна СРФЈ имаше Уставен суд со единствени надлежности во обезбедување на највисока уставна заштита, кои останаа до ден денес. Дополнително не’ чека уште многу заедничка работа во овозможување на поголема заштита за граѓаните и нивните права, пред се’, преку унапредување на капацитетите на Судот, кажа претседателката Добрила Кацарска.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал ги нагласи заедничката заложба за заштита на човековите права, унапредување на транспарентноста и поткрепата на начелата на владеење на правото во Република Северна Македонија.
-Со потпишувањето на Меморандумот ние ќе ги продлабочиме односите, не само за одбележување на 60 години од постоењето на Уставниот суд, туку заеднички ќе придонесеме во зајакнување на заложбата за правда и владеење на правото, нагласи амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ.
Уставниот суд и во текот на минатата година во соработка со ОБСЕ организираше обуки за унапредување на вештините на советниците на Судот од областа на заштитата на човековите слободи и права.