Претседателскиот кандидат на албанската опозиција Арбен Таравари кој се судри со својот претходник Села, во интервју за „Глас на Америка“ вели дека за поделената Алијанса на Албанците ќе одлучи судот.
– Ние би ги прифатиле сите одлуки, вели Арбен Таравари за поделбата во партијата на две крила, едното чии приврзаници се на неговата страна, а другото во кое се тие на Зијадин Села.
Таравари во интервју за „Глас на Америка“ вели дека е нормално секогаш кога во партијата има фракции секој да се повикува на некои свои аргументи од кои што реално согледува дека има право. Тој вели дека сите факти и аргументи се на нивна страна, но сепак додава дека и другата страна би го кажала истото.
За крилото во Алијанса за Албанците кое го поддржува Зијадин Села, Тарвари вели дека е фракција во партијата што веќе неколку месеци е многу блиска до ДУИ и додава дека тоа е нивен легитимен став кој го почитува
– Оставивме судот да одлучи. Сигурни сме дека и во Централното претседателство и во Централното собрание и кај членовите на Конгресот имаме мнозинство, вели Тарвари.
За тоа со кого би коалицирале после изборите, Таравари вели дека единствениот пат на Северна Македонија е европскиот и додава дека тие како политичка партија Алијанса за Албанците, меѓутоа и како опозициски блок „Вреди“, инсистираат по секоја цена да го следат европскиот пат и додава „не би сакале да помислиме дека некој би размислувал за друга опција“.