Пратениците на СДСМ и ДУИ да не бегаат од проблемот со пасошите

Бара ли Владата и парламентарното мнозинство решение за државниот притвор во кој е пикната третина од македонското население? Граѓаните не по своја вина го немаат во пасошите омилениот збор на власта – „Северна“.

Гледаат ли првите луѓе на СДСМ и ДУИ дека 650.000 лица што се во Македонија не смеат да излегуваат преку граница, а дел од нив кои се во странство, пак, не смеат да влезат оти не знаат на кој начин би можеле да се вратат на своите работни места во други земји?

Со вакво темпо и организирање на промената на пасошите се чини хаосот и големата неправда ќе траат уште година – две. За тоа да се надмине многу малку помагаат заменикминистерските свечени чекања на обрасци за пасоши на границата. Џабе е таа помпа и пропаганда – работите се бајаги задоцнети и треба друга – сериозна активност.

Потребно е решение кое сега ќе им ги тргне забраните за патувања на луѓето. Едно од решенијата е пратениците да го изменат Законот за патни исправи, како што го изменија Законот за безбедност во сообраќај.

Зошто СДСМ и ДУИ не го прави тоа?

Техничкиот премиер Талат Џафери неодамна прокоментира дека ова барање да се реши проблемот било незериозно додавајќи дека “непочитувањето на меѓународните договори би нанело штета на меѓународниот углед на државата“.

Џафери не објасни, а што е со угледот и правата на една третина од македонското население? И мисли ли тој дека меѓународниот углед на Македонија е на високо ниво ако цел свет гледа дека сме еднинствена држава во светот каде има вакви епски кршења на човековите права и ваква неорганизираност? И што не го прати Џафери неговиот сопартиец Бујар Османи во Брисел, Атина… да објасни дека некои работи мора да се направат и така да не биде нанесено како што вели – штета на меѓународниот углед?

Џафери не треба да шета по полициски станици и да држи лекции на вработени. Прво нека си одржи една лекција самиот себе си околу тоа дека тој и владеачкото мнозинство се поставени на функциите за да решаваат проблеми на луѓето, а не да ги прават проблемите, а потоа решенијата да ги бараат споро.

Ако Џафери тоа не го може, на потег е парламентарното мнозинство кое треба брзо да се преиспита и да види што може да се направи околу ова сериозно кршење на човековите права за една третина од македонското население. Мора за тоа да се расправа на седница – итно.

Површното работење на поранешниот министер Оливер Спасовски може да се поправи со сериозно делување, а не со пимплање. Впрочем пимплањето на Спасовски и целата влада не доведе до овој хаос.

Претходна вестТаравари: Крилото на Села е многу блиску до ДУИ, за поделената АА ќе одлучува судот
Следна вестМи недостасува храброста на народот за да го крене гласот против разнебитувањето на државата