Ми недостасува храброста на народот за да го крене гласот против разнебитувањето на државата

За познатата македонска историчарка, Катерина Тодороска, единствено што властите ѝ дале на државата е понижувачко омаловажување. Таа во интервјуто за бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ зборува и за направените големи грешки, за тоа што е нужно да се направи, за…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

– Прва мисла ми е прашањето „Како дозволивме државава да нѝ се распаѓа пред очи?“. Иако го знам одговорот, прашањето не ми дава мир. Тоа значи дека нашето воспитување да бидеме дисциплинирани, посветени и сериозни во однос на работата, испадна недоволно практично во новосоздадените услови на самостојна Македонија. Така, додека професионалците гледаа да се остручнат до совршенство, некадарните владееја. И резултатот го гледаме. Првата слика ми е изгрејсонцето на Скопска Црна Гора како знак и зрак за некој нов предизвик кој треба да го реализираме.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

 Прва: Приватизацијата. Со процесот не беше само отуѓен државниот имот, тука истиот беше раскрчмен со бесцение. Единствена полза од тоа имаа  малкумина, а на улица останаа илјадници работици. Втора: Неконтролираното отворање на приватни трафики за дипломи за средно и високо образование. Тоа придонесе за девастирање на македонското образование од неколку причини. Првата е што сите новоформирани факултети се „хранеа“ со професори од УКИМ, па нивото на предавања на УКИМ опадна. Втората, со чест на исклучоци беше алармантна. Имено, на приватните „универзитети“ за пропишаната сума се запишуваа студенти кои во нормални услови не би поминале уписно тестирање. Но, иако слаби со знаења, сепак завршуваа факултети и добиваа лажна слика за своите способности. Трета: Преселбата на Државниот архив од неговата наменска зграда во зградата покрај Вардар. Со овој чин на Груевски беше направен злостор врз македонската држава бидејќи без документација нема нација. А кога документите од животна важност за една држава ќе се преселат во близина на воден извор, како Вардар, единствено што може да се очекува е уништување на документацијата.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

 Во минативе 30-тина години властите се научија да ѝ земаат на државата. Така што, тоа што граѓаните го внесуваат, властите го изнесуваат. Единствено што ѝ дале на државата е понижувачко омаловажување.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

 Секогаш може повеќе и подобро. Како автор на 15 книги, над 200 статии и стотици учества на меѓународни и домашни научни конференции, менторството на над 30 магистри и доктори на историски науки, ценам дека е пристоен влог. Можеше да биде и подобро, доколку МОН не решеше дека науката не треба да се финансира или да ги финансираат само „нашите“ научни кадри, меѓу кои јас никогаш не припаѓав.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

 Со богатствата кои нѝ ги дала природата. На пример Прилеп има мермер кој е најбаран во светот. Секој град во нормална држава би живеел во благосостојба со такво богатство, а Прилеп го коси бела смрт. Се гордеам што го имаме најубавото во светот со име мермер, ама мојата гордост за градот е горчина. Зошто? Затоа што наместо да го валоризираме она со што се гордееме, властите безмилосно го фрлаат во рацете на „странски инвеститори“ за некакви провизии за своите џебови. А жал, не е само мермерот.

Што Ви недостасува, а што би одзеле од државата?

 Ми недостасува храброста на народот за да го крене гласот против разнебитувањето на државата. Имено, во Македонија се случуваат толку беззаконија што би требало да предизвикаат лавина од неговување кај народот. Но, ете кај нас сенешто поминува со реакции од три дена и потоа сето тоа завршува во корпата за отпадоци во нашата потсвест. Тоа е погубно за една нација. На државата би ѝ го одзела правото да вработува во сите институции, број на работници над европскиот просек. Тоа значи дека треба да се воведе стапка на вработеност во секоја институција според потребите на институцијата, а не според потребите на партиите.

Во каква Македонија сакате да живеете?

 Нормална. Во мојот гледоглед тоа е држава во која секој од нас, пред сѐ, ќе има обврски, а потоа привилегии. Ова особено се однесува на секој оној кој е избран од народот за да извршува обврски во интерес на оние кои му ја довериле довербата. Доколку некој не ги исполнува очекувањата на гласачот, да биде сменет и пред истекот на времетраењето на неговиот мандат за да не им нанесува дополнителна штета.

Претходна вестПратениците на СДСМ и ДУИ да не бегаат од проблемот со пасошите
Следна вестВо Тетово 21 санкција за возење под дејство на алкохол