В среда, во Салон 19:19 во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, филологот, лингвист, синолог Игор Радев ќе одржи предавање на тема „Патот на свилата помеѓу историјата и културата“.
– Почетоците на Патот на свилата, како трансверзала, којашто ги поврзувала Источна Азија со Медитеранот лежат во првите две столетија од нашата ера. Тоа е епохата на кинеската династија Ха̀н (205 п.н.е – 220 н.е.), која токму во овој период, како последица на нејзиниот судир со Хуните, доаѓа во засилен допир со Централна Азија и подалечните предели на Запад, за што најзаслужни се експедициите на Чжа̄нг ‘Чје̄н (†114 п.н.е.) и Ка̄н Јӣнг (преод на I и II век н.е.), чија, пак, дипломатска мисија го води се до Месопотамија на прагот на Римската Империја. Со ваквите контакти отворен е Патот на свилата што ќе ги сврзе дотогаш регионалните патни и трговски мрежи во еден глобален систем, во чиј склоп меѓународни стоки, како свилата, ќе влијаат врз економската рамнотежа на просторите од Кина до Рим. Воедно и знаењата на разните цивилизации едни за други ќе нараснат, што ќе го видиме од една страна во делата на Страбон, Плиниј и Птоломеј, а од друга, во тогашните кинески историографски сочиненија како Историските записи на Сӣ’ма̌ ‘Чје̄н (145-90 п.н.е.) и Книгата на Подоцнежниот Ха̀н, се вели во најавата.
Патот на свилата, посочено е таму, овозможува и меѓусебни културни оплодувања олицетворени во такви феномени како „хеленистичкиот будизам“ од северозападот на Индискиот потконтинент и Средна Азија, но и пластичната уметност од Гандара, која во своевиден триаголник ќе ги спои хеленистичките естетски идеали со оние на Индија и Кина.
– Историски куриозитет претставуваат извештаите за трансконтинентални патувања, како она на Маес Титијан, кој, опишан од Птоломеј како ‘маж Македонец’, е првата забележана личност од Медитеранскиот свет, којашто има отпатувано сѐ до Кина, пишува во најавата.
Предавањето ќе започне во 19:19 часот, среда.