До синоќа – Османи, Димитриевски и Ванковска со најмногу собрани потписи за претседателската трка

Во тек е собирањето на нужните потписи за влез во претседателската трка. Според последните податоци објавени на страната на Државната изборна комисија, до синоќа, никој од кандидатите за претседател на државата ги нема собрано потребните 10 илјади потписи од граѓаните.

Од ДИК посочуваат дека најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 8.560. Втор на листата е лидерот на „ЗНАМ-За наша Македонија“, Максим Димитриевски со 5.923 собрани потписи, а трета е кандидатката поддржана од „Левица“, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 4.478 потписи.

Останатите кандидати имаат следни резултати: Стевчо Јакимовски има 3.091 потписи, Арбен Тарвари 1645 потписи, Мерсиха Смаиловиќ има собрано 523 потписи, Вело Марковски има 433 потписи…

Државната изборна комисија, соопшти дека се додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно ќе се ажурира.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

 

Претходна вестД-р Радев ќе одржи предавање на тема: ,,Патот на свилата помеѓу историјата и културата”
Следна вестПутер, виршли, сокчиња за деца, сладоледи – дел од производите кои лани биле повлечени од пазарот како небезбедни