Претседателот Стево Пендаровски ги брои последните денови од мандатот, но се уште е силно посветен на светските теми и проблеми. Тој денеска се обрати на пленарната сесија на самитот Украина – Југоисточна Европа, кој се одржува во Тирана, Република Албанија.
Пендаровски во своето обраќање нотира дека неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да обезбеди помош од 50 милијарди евра, како и изгледите дека американскиот Конгрес ќе издвои приближно 90 милијарди долари, се активности во вистинска насока. Тој истакна дека Македонија беше меѓу првите земји што ѝ даде воена, техничка и хуманитарна помош на Украина и посочи дека досега имаме испорачано 12 пакети помош, со вкупна вредност од 60 милиони евра.
-Денес, од Тирана, мора да ветиме дека и натаму ќе ја даваме нашата непоколеблива поддршка сè додека не се постигне мировен договор, кој ќе ги одрази аспирациите на украинскиот народ, порача Пендаровски.
Според него, мора да разбереме дека борбата за слобода на Украина се води во име на целиот демократски и цивилизиран свет. Тој нагласи дека заедно со нашите НАТО-сојузници и со истомислениците ќе продолжиме да се спротивставуваме на нападот врз независноста на Украина барајќи одговорност за сите извршени злосторства, со цел да се обезбеди правда за жртвите и нивните семејства.