Во театар „Комедија“ вечер од 20 часот ќе се одигра претставата „Анатомија на неверството“ во режија на Александра Кардалевска, информираат денеска од театарот.
Низ неколку засебни едночинки во кои истите актери толкуваат различни карактери, претставата зборува за неверството, бракот и воопшто машко – женските љубовни односи. Ликовите во сите едночинки се поставени во парадоксални ситуации, а самото сиже, спојувајќи две противречни состојби, претставува оксиморон што го изразува самото неверство како болно задоволство, односно пријатна сензација што создава проблеми. На тој начин, претставата игра по тенката линија на сарказмот и апсурдот создавајќи истовремено хумористични и драматични ситуации, се наведува во пишаната изјава на Кардалевска.
Автор е Валентин Красногоров, драматург – Дарко Јан Спасов, а костимограф – Ивана Каранфиловска.
Во претставата играат Жаклина Петровска и Тони Денковски.