Мечката го нападнала данскиот скијач откако тој се нашол во близина на нејзините мечиња, изјави денеска Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи. Тој денеска престојуваше на Попова Шапка каде утрово се случил нападот во кој мечка нападна и го гризнала скијачот од Данска во близина на Попова Шапка.
Ангелов објасни дека туристот бил дел од 10-члената скијачка група која скијала надвор од одбележаните патеки. Таа група утрово со ратрак била префрлена на околните врвови од каде го започнале скијањето.
-На едно место, под неколку елки, групата застанала за да одмори. Но, во нивна близина се нашле две – три мечиња и по што изрипала мечката исплашена за своите мечиња. Таа го нападнала еден од туристите гризнувајќи го за нога. Веднаш потоа мечката побегнала, објасни Ангелов.
Директорот на ЦУК додаде дека повредениот скијач бил префрлен во тетовската болница кадешто му е укажана медицинска помош.
-Повредите најверојатно не се тешки со оглед на тоа туристот е пуштен од болницата, рече тој.
Ангелов најави средби со надлежните од Нациоанлен парк „Шар Планина“ за да се намали опасноста по граѓаните од зголемениот број на мечки во ова подрачје.