Измените на законите околу енергетиката се штетни за државата, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе 40 амандмани

Во собраниската комисијата за економски прашања, денеска, СДСМ ќе има повторен обид да ги протурка законите за стратешки инвестиции во енергетиката, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски. Тој рече дека ова се закони со кои се нанесува децениска штета по енергетскиот сектор на Македонија, а служат само за богатење на најтесното раководство на СДСМ.

-Димитар Ковачевски, Миле Зечевиќ и Фатмир Бетиќи го гледаат сопствениот лукративен интерес, а граѓаните плаќаат за 50% повисоки сметки за електрична енергија, а домашното стопанство се спасува како знае и умее. СДСМ без поддршка на останатите коалициони партнери турка закон со кој на грчка компанија ќе и се даде државна помош од близу 50 милиони евра, а дополнително и се гарантира откуп на произведената струја и топлинска енергија по цени далеку повисоки од реалните. Со останатите стратешки закони се дава плодна земјоделска почва за изградба на фотоволтаици каде повторно државата гарантира откуп на електричната енергија по високи цени, рече Стојаноски.

Како што додаде, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија алармирала и предупредувала за штетата која овие закони може да ја предизвикаат. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе 40 амандмани во кои се вметнати забелешките на низа експерти од различни сфери на општеството, кои доколку би се усвоиле и би се вметнале во овие закони, би гарантирале нивно нормално имплементирање.

Претходна вестДвижењето ЗНАМ: Власта турка енергетски закони кои ќе ја оштетат државата за најмалку 1,2 милијарди евра
Следна вестАнгелов: Мечката го нападнала данскиот скијач оти се нашол во близина на нејзините мечиња