Укинат му е притворот на Стефан Димовски кој е осомничен за помагање при бегството на Љупчо Палевски-Палчо, кој е главен осомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
-По предлог на надлежен обвинител за укинување мерка притвор за С.Д и определување мерки за претпазливост, судија на претходна постапка му определи мерки, забрана за напуштање живеалиште, одземање патна исправа, обврска за јавување во суд и одземање, односно забрана за користење возачка дозвола, информираат од Кривичниот суд.
Неофицијално, предлогот за укинување на притворот е на обвинителството, бидејќи за кривичното дело помагање, законот не дозволувал продолжување на мерката повеќе од три месеци.
Димковски се сомничи дека во временскиот период од 01 до 03.12.2023 му помогнал на Палевски, дека со патничко возило „ленд ровер“, со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице со седиште во Струмица, го земал од Белград, Р. Србија и го однел во Р. Турција, со цел да избега и да се сокрие од органите за прогон во Република Северна Македонија.