Граѓаните кои ќе наполнат 18 години се меѓу двата круга на претседателски избори се дискриминирани затоа што не можат да го остварат своето гласачко право, смета Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Таа утврдила дека во 2019 година, на претходните претседателски избори, била направена дикскриминација врз основа на возраст. Но, и покрај тоа што уште пред две и пол години дале препораки, со последните измени на Изборениот законик не ги опфатиле нивните предлози.
-Стануваше збор за околу 7 000 луѓе кои што не можеа да гласаат, а коишто полнат 18 години помеѓу двата круга на претседателските избори. Тие се стекнуваат со правото на глас согласно член 22 од Уставот за остварување на гласачко право со извршување на 18 години, меѓутоа недостатокот на процес на одредби во законот ги оневозможи да се запишат во избирачкиот список и со тоа да гласаат во вториот круг, рече Игор Јадровски, претседател на КСЗД
Тој додаде дека правото на гласање треба да се овозможи на сите граѓани над 18 години.
-Нашите препораки кои што се дадени се во насока на измена и дополнување на Изборниот законик со цел на сите лица на еднаква основа да им биде овозможено правото на глас. Зборуваме за сите категории на лица во насока на остварување на правото на глас на еднаква основа. Изборниот законик се менуваше во овој дел, меѓутоа, не се смени во делот на лицата кои што ќе наполнат 18 години помеѓу двата избирачки круга. Постои опасност да бидат исклучени и лицата во здравствените установи, вели Игор Јадревски.
Од Комисијата за заштита од дискриминација предупредуваат и на користењето говор на омраза во текот на изборната кампања од страна на партиите.
-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор, на социјалните мрежи и на традиционалните медиуми. За таа цел ќе изработиме и прилагоден образец за пријавување вознемирувачки говор до Комисијата кој што ќе биде закачен на нашата страна со помош на кој ќе им олесниме на граѓаните да пријавуваат вознемирувачки говор за време на плредизборните кампањи, додава Јадревски.