Ќе заседава Комисијата за заразни болести, се очекуваат детали околу забраната за невакцинирани деца во градинките

Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи седница во 12 часот, а според она што вчера го најави министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири ќе биде појасно дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината.

Од понеделникот, Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.

Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска во понеделникот информираше дека скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто се вакцинирани. Фактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки, оцени Младеновска. ДСЗИ, како што рече, ги контролира и приватните градинки.

За нискиот опфат на вакцинација против голема кашлица се дискутирало и вчера на средбата меѓу министерот за здравство Илир Демири и претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани.

–УНИЦЕФ ја изрази својата подготвеност да продолжи со поддршка за зајакнување на здравствениот систем и спроведување комуникациски активности, за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините.

Во тој контекст, значајно е и воведување систем за управување со дезинформации и погрешни информации во врска со вакцините и процесот на вакцинација во Министерството за здравство, информираа од Министерството за здравство преку соопштение.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица.

Претходна вестВремето денес променливо облачно со сончеви периоди, попладне услови за локални слаби врнеж
Следна вестСеизмолог од Црна Гора за земјотресот кој утрово го разбуди Балканот: Граѓаните се вознемирени, имало уште 30 потреси