До Советот на Општина Ѓорче Петров, советничката група од „Левица“ поднесе 9 Иницијативи, меѓу кои и Иницијатива со Предлог-одлука за Поништување на катаклизмичкиот ДУП СЗ 16, информираат од оваа партија.
Левица, како што вели, им понуди шанса на советниците да ја отповикаат одлуката за овој ДУП, истакнувајќи ги битните елементи и факти кои би придонеле до колапс на општина Ѓорче Петров и градот Скопје.
-Сепак, советниците од ДПМНЕ и коалицијата, ГРОМ и Демократски сојуз кои месечно граѓаните ги плаќаат над 260.000 денари за да ги застапуваат и работат во полза на жителите – одлучија воопшто да не обрнат внимание на аргументите за штетноста на ДУП-от СЗ 16.
Имено, тие, без ниту еден контрааргумент, ноншалантно, одбија Дневниот ред да се дополни со Предлог-одлука за поништување на ДУП-от.
Наместо со овој ДУП (кој се протега паралелно од пазарот во Ѓорче Петров, до Александрија) да се решат актуелните проблеми на Општината, за жал истите значително ќе се продлабочат, истакнуваат од Левица.
Потенцираат дека нема да отстапат од борбата против урбаната мафија и ќе продолжат да вложуваат напори за да го спречат спроведувањето на тој криминоген план.