Денеска е Прочка. „Ако сум ти згрешил прости ми…. Простено ти е, од мене и од Бога…“, вака се поздравуваат, но и бараа прошка многу граѓани во Македонија. Сето тоа е длабоко всадена православна традиција. Да се прости нешто е убав човечки чин, исто како и барањето на простување.
Што не може да прости македонскиот граѓанин?
Ова прашавме утрово неколку аеродромци кои пазареа позади ТЦ “Бисер“.
-Во поширокото семејство имаме надворешно лице кое не раскара нас братучедите околу поделба на имотот на нашиот дедо. Тоа не го простувам, ни истакна еден средовечен маж.
-На обичен човек простувам дури и злоба, ама на политичарите кои не искрадоа и ја уништија иднината на моите деца – не простувам и тоа на избори ќе им го покажам, потенцира друг аеродромец.
-Предавство не се простува. Предавство во брак, предавство на нацијата во корист на странци, тоа се работи кои за мене се врв на лошитилок и за такви работи не простувам и не заборавам, ни истакна една постара жена.
Инаку, јасно е дека проштевањето е добра работа која предизвикува духовно миење. Тоа всушност е очистување на душата, односно, очистување на две души одеднаш. Е сега, до нас е дали ќе простуваме, но и дали правиме гревови кои треба да се простат.
– Не им простувам само на тие кои се умислени дека се безгрешни. Такви има многу, а најмногу во политиката, ни истакна утрово еден тезгаџија.