Експертот за човекови права, поранешен заменик министер во Канада и амбасадор, Џилиан Стирк, ќе ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР на претстојните претседателски и парламентарни избори во Македонија. На денешната конференција за печат таа рече дека не е невообичаено на изборите во една земја да има толкав број на набљудувачи.
-Имате два вида на избори во ист ден и не е невообичаено да има голем број на набљудувачи. Ова се заснова на препораките од мисијата за процена на потребите, изјави Стирк одговарајќи на новинарски прашања
Како што соопшти Стиркм ОБСЕ/ОДИХР има клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји-учеснички. Покрај главниот тим, ќе имаат и група од 20 лица-долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени во Тетово, Охрид, Битола, Струмица, Прилеп, Штип, Куманово, Кочани, а два тима ќе има во Скопје.
Побарале и 300 краткорочни набљудувачи кои треба да пристигнат непосредно пред изборите.
Стирк изјави дека бројот на набљудувачи се заснова на пораките од Мисијата за процена на потребите.
Таа веќе се сретнала со членовите на ДИК, но рече дека се уште е рано да дава оценка за делумните измени на Изборниот законик, што се случија две недели пред објавувањето на изборите, а не шест месеци, како што препорачаа одамна ОДИХР.
Претседателските избори во Македонија ќе се одржат на 24 април, а вториот круг ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.