Да немаш распоредено термални камери на граница е голем пропуст. Во 21 век, границата освен полиција ја чуваат и баш такви и слични технички помагала.
Е, ама Македонија на својата северна граница нема функционални термални камери. Не работат со години. За ова алармираше неодамна поставениот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски. Значи, шверцерите, мигрантите и другите сомнителни намерници и натаму не мора многу да стравуваат кога илегално ја поминуваат границата со Косово и Србија.
До кога ќе биде така? Се поправаат ли камерите и зошто тоа не се сторило поодамна? Се набавуваат ли нови?
Навистина, скандалозно е тоа што се дозволило да се дојде во таква ситуација да не функцинираат термалните камери. Можно ли е поранешното раководство на МВР да било презафатено со поставување на камерите по Скопје за откривање на сторителите на сообраќајни прекршоци? Дали овој проект навистина е поприоритетен од поправањето на термалните камери на граничните линии?
Впрочем, зарем е тешко двете работи да се направат од страна на огромно министерство со премногу дебело платени раководни лица? А треба и трета работа да завршат – да откријат кој се најодговорните лица за големиот пропуст.