Мицкоски: ЕУ треба да дојде и да каже што сака од Македонија и од овој народ

Мислам дека ЕУ треба да дојде и да каже што сака од Македонија и од овој народ, изјави синоќа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Во интервју за Македонската телевизија тој порача дека Европската унија треба да е јасна кон Македонија и да каже што треба да се направи, бидејќи Македонија направи големи жртви.

– Мислам дека ЕУ треба да дојде и да каже што сака од Македонија и од овој народ. Македонија направи многу за европските вредности, сменивме многу работи. Се направија многу отстапки верувајќи на зборот на европските политичари. Но, факт е дека тие не си го исполнија ветеното, а тука се правеше сѐ, македонските политичари прифатија сѐ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцираше дека тој непринципиелен однос треба да престане.

– Токму затоа ние велиме ние сме подготвени да седнеме и да разговараме за тоа што овој народ може да очекува, што може да се направи, рече Мицкоски.

Мицкоски повтори дека нема да прифатат диктат како овој сега од Бугарија.

– Ние повеќе од две и пол децении откако го почнавме патот не сме почнале преговори, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски зборуваше и за случајот со Босна и Херцеговина и начинот на кој таа стартуваше со процесот на пристапување во ЕУ.

– Последниот аргумент кој ги надвладеа изговорите на сите од ЕУ е правилото на консензус и ако еден е против нема одлука за проширување. Ама видовме дека и тоа е возможно на декемврискиот самит еден кој е против си излезе и се изгласа почеток на преговори за БиХ. Јас им честитам, ама тие немаат ни усогласена заедничка надворешна политика со ЕУ, посебно со Русија бидејќи еден од чинителите во БиХ има блиски односи со Путин. И сега тие почнуваат преговори, ние не можеме, рече Мицкоски.

 

Претходна вестПочнува пријавувањето за 20. издание на Виз Ер Скопски Маратон
Следна вестВанковска го кажа својот став за Преспанскиот договор и договорот со Бугарија