Скопска атракција: И „вљубените“ избегаа од летниковецот – нужник

Главниот скопски плоштад „Македонија“ не е украс на градот. Напротив, а би требало да биде, оти така е во сите светски метрополи.

Зошто со години е запуштен, нагрден овој централен дел од Скопје?

Приказната е долга и болна. На плоштадот во последните 2 децении „вежбаа“ визија неколку градоначалници и архитекти. Кој што му текна изгради – догради, се тргнуваше мегаломански – не баш плански, а потоа, сето тоа не се завршуваше ниту се одржуваше започнатото.

Сето ова може да се види и од само едно мало делче од плоштадот. Ѓубре, траги од фекалии, празен постамент, валканици… сето ова го „украсува“ барокниот летниковец на централниот скопски плоштад. Така е и сега, така е и со години откако е направен како дел од проектот „Скопје 2014“. Објект за којшто тогаш беа потрошени 350.000 евра потоа беше препуштен на негрижата, слично како и другите споменици и објекти направени во рамките на овој проект.

Летниковецот го стегна скопскиот мраз или поточно кажано скопската институционална негрижа. Затоа, стиснат меѓу недоизградената Градска куќа и хотелот, тој почна да им служи на граѓаните и како нужник. 

Плус, минатата година од постаментот исчезна и бронзената склуптура „Вљубени“. Се уште не се знае дали таа е намерно тргната за да се сочува или е украдена, или пак „вљубените“ побегнале од смрдеата. 

До кога сето тоа нема да се поправи?

Кога се градеше летниковецот најавите беа дека тој ќе служи како место за фотографирање на младите брачни двојки кои ќе склучуваат бракови во блиската Градска куќа. Ниту куќата се направи, ниту летниковецот се одржува… Е, да, фотографирања има, ама за да се покаже несериозноста на скопските институции. 

 

 

Претходна вестЦУК: Регистирани 4 пожари на отворено, најсериозно било во Берово
Следна вестВМРО-ДПМНЕ ги објави пратеничките листи за сите изборни единици