Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје неделава ќе ја посвети на македонската литература при што во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура ќе се одржи годинешното издание на манифестацијата „Денови на македонската литература“.
Манифестацијата ќе биде отворена на 3 април во 12 часот со предавање на проф. д-р Виолета Пирузе-Тасевска, којашто целиот свој работен век го минала на оваа Катедра на Филолошкиот факултет. Предавањето ќе биде на тема „Српскиот и македонскиот книжевен романтизам“, а ќе се одржи во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет.
На отворањето пред присутните ќе се обратат деканот на Филолошкиот факултет, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на Катедрата, проф. д-р Трајче Стамески.
Во среда со почеток во 18 часот, во амфитеатарот 3 на Филолошкиот факултет ќе се одржи студентска вечер на македонската книжевност и култура „Непрочитано писмо“. Токму преку програмата на овој настан, студенти од повеќе генерации го обединија својот креативен потенцијал и подготвија програма со која преку рецитал, драматизација, музички точки и видео-проекции ќе се претстави дел од развојот на македонската книжевност и култура, со антологиски дела по нивен избор.
Вториот ден од манифестацијата, 4 април, ќе биде посветен на професори што предаваат македонска книжевност на странски универзитети. Нивните предавања во рамките на манифестацијата ќе се одржат виртуелно, преку платформата Зум.
В четврток во 10 часот предавање ќе одржи проф д-р Жељко Милановиќ од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад. Предавањето ќе биде на тема „Како се предава македонската книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад?“. Потоа, во 11 часот, предавање ќе одржи проф др Намита Субиото од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, на тема „Рецепцијата на расказот ’Вампир’ од Петре М. Андреевски во Словенија: од превод до адаптација во музичко-раскажувачки перформанс“.
Гостинските предавања на професорите по македонска книжевност од странските универзитети се планира да бидат и натамошна постојана практика во рамките на настаните што на Филолошкиот факултет се организираат со влог на Катедрата за македонска книжевност и култура.
Сите настани од програмата на манифестацијата „Денови на македонската литература“ се од отворен карактер.