Мојата кампања ќе оди во две насоки – реформа на Судскиот совет и Уставниот суд и втората развој на наменското производство, изјави синоќа претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски пред почетокот на Конвенцијата на коалицијата Храбро за Македонија.
Тој нагласи дека мора во Судскиот совет и Уставниот суд да има истакнати судии и адвокати, како и универзитетски професори а не стручни соработници.
Јакимовски рече дека претседателот на државата ни случајно нема да биде протоколарна функција зашто, како што кажа, „ќе биде соочен со големи притисоци, со промени на чудни закони и на Уставот и притисок да се откажеме од идентитетските прашања“.
-Граѓаните веќе можеа да ме тестираат дали подлегнувам на уцени и закани. Можеа да видат дека ни Америка ни свети Америка, кога е во прашање Република Македонија, нема да ме натераат ни милиметар да отстапам и дека се што имам да и кажам ќе и кажам зашто чесно си ја вршам својата функција. Нема да дозволам ниту еден граѓанин на Република Македонија да биде малтретиран и ќе сторам се да ги заштитиме граѓаните од надворешните влијанија и непринципиелните напади и разни црни листи, рече Јакимовски.
Во надворешната политика, Јакимовски рече дека ќе се залага „да ги јакнеме нашите позиции во НАТО структурите и да ги исполнуваме условите за влез во Европската Унија, но со јасно инсистирање за поголем респект кон нашата држава и јасно ставање до знаење на ЕУ и стратешкиот партнер дека за идентитетот и јазикот нема со никого да преговараме, а за влезот во ЕУ не сме подготвени да чекаме бесконечно“.
То рече и тоа дека Република Македонија мора да се фокусира на наменската индустрија зошто „глад за оружје нема само во Европа туку насекаде во светот“.