„Левица“ синоќа го одржа првиот предизборен митинг. Од партијата најавија борбата за доброто на Македонија. Митингот беше во Струмица, градот каде како што велат е т.н. ,,бастион на заевизмот“.
-СДС мора да биде поразен и засекогаш заменет како доминантната партија во левиот политички спектар. Оттука ќе одекне повикот на новото време и на враќањето на достоинството на Република Македонија, беше истакнато пред насобраните граѓани.
Се обрати и нивниот претседателски кандидат, професорката Билјана Ванковска:
-Сега страдаме од божемната „наша власт“, која ги згази не само постигањата од минатото туку се однесува како внатрешен окупатор. Ни ја одзеде не само живејачката и волјата за напредување, туку и надежта. Нè ограбија, ни ја згазија честа, го продадоа најсветото, ни ги отселија најдрагите. Подготвени се да го запустат и последното парче плодна почва, воздухот го направија отровен, а последната капка вода сакаат да ја продадат на јабанџии. Сè ни одземаа – освен душата. И неа ли ќе им ја дадеме, порача Ванковска во своето обраќање пред струмичани.
Таа порача „на Македонија и треба изборна револуција што ќе биде само првиот чекор…“
На митингот се обрати и лидерот на Левица, Димитар Апасиев:
-Тачевизмот е највисок стадиум на ЗАЕВИЗМОТ и затоа Левица ја почнува својата кампања од бастионот на заевизмот. Да му брцнеме во очи на оној кој направи штета за две генерации!, посочи тој.