Претседателската кампања е во полн ек. Кандидатите се растрчани низ Македонија и кажуваат кои се нивните намери и програми. Некои од нив не ретко ги напаѓаат своите противкандидати.
Но, зошто не се сретнат сите на едно поле (читај телевизиско студио) па да си кажат што има да си кажат? А, воедно (и што е уште поважно) граѓаните преку екраните ќе можат да ги видат нивните разлики, визии, начини на однесување, подготвеност за дијалог…
Засега има само митинзи, средби со граѓани, телевизиски спотови, билборди, поединешни интервјуа…
Дали ТВ соочување на сите претседателски кандидати ќе се случи?
Неодама, еден од кандидатите, Стево Пендаровски, предложи одржување на т.н мастер дебата на сите кандидати, при што две соочувања би имало пред првиот круг, а потоа уште една дебата на двајца кандидати кои ќе влезат во вториот круг.
Како што објасни Пендаровски најголемата опозициска партија имала замерки, а потоа и три од најголемите телевизии во Македонија се откажале од идеата да го пренесуваат тоа соочување.
Дали сега има нови иницијативи за ТВ соочување на кандидатите?
Пред два дена кандидатката за претседател, Билјана Ванковска, преку Фејсбук спомена дека до тој момент само четворица кандидати ја прифатиле поканата за соочување на една од поголемите телевизии во Македонија. Таа вели: „Главните “фаворити” не се меѓу нив!“
Засега нема најави дека е договорен повеќестраниот „дуел“.
Соочувањето на сите кандидати е добра и пожелна работа. Но, останува да видиме каква е проценката на самите кандидати и на нивните партиски штабови дали треба да има и дали да се учествува во соочувањето пред очите на целата македонска јавност. Во нашето досегашно изборно искуство сме имале најразлични ситуации при изборите – од тоа дека се одбивале дуелите, па до тоа дека се прифаќале и предизвикувале големо внимание во јавноста.
Време во кампањата се уште има. Претседателските кандидати се на потег…