Државната изборна комисија (ДИК) во рамки на 96. седница, ги утврди листите за избор на пратеници поднесени од неколку партии за одреден број изборни единици (ИЕ), но исто така и отфрли неколку листи.
Едногласно беа прифатени листите за пратеници на Демократи – Скопје за ИЕ 6, на Единствена Македонија за ИЕ 1, 2, 3, 4 и 5, на Нова алтернатива и Десна за ИЕ 1, 2 3 и 4, на Работничка партија за ИЕ 1 и 5, како и на Родина Македонија за ИЕ 3.
Поради некомплетна документација, пак, согласно член 67 став 6 од Изборниот законик, едногласно беа отфрлени листите на кандидати за пратеници во ИЕ 2, 3, 4 и 6 на Работничка партија, листата на Едниствена Македонија за ИЕ 6 и листите на кандидати на Десна за ИЕ 5 и 6.
Во однос на листата на Работничка партија за ИЕ 6, членот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се воочени специфични неправилности за кои се известени надлежните институции.
– При прегледување на документите на оваа партија за ИЕ 6, имаше специфични неправилности кои треба да ги испитаат други инстиуции кои службено ги известивме согласно Изборниот законик, рече Кондарко.
По завршувањето на гласањето за листите, тој процедурално се јави за збор и соопшти дека Нова алтернатива за ИЕ 5 и 6 поднела листи на кандидати, но вон рокот, поради што тие листи ДИК нема да ги земе предвид.
Оваа партија доставила две листи вон рокот и ДИК нема законска основа, ниту обврска да постапува, односно да дава дополнителен рок за исправка, објасни Кондарко.
ДИК претходно, изврши жрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на членот 78-а од Изборниот законик за изборите за пратеници во Сообранието.