Голема змија е забележана денеска во близина на поликлиниката „Јане Сандански“ на подрачјето на скопската општина Аеродром. На снимката којашто е споделена на Фејсбук страницата „Општина Аеродром – пријави проблем“ се наведува дека животното е забележано кај продавницата на „Стокомак“, спроти овој здравствен објект.
Змијата е долга околу два метра и е снимена на плочникот до оградата. Тоа веднаш предизвика и вознемиреност на граѓаните. Според сознанијата, се работи за змија од видот смок.
Во објавата се наведува дека случајот е пријавен во скопската Зоолошка градина, но тие одговориле дека не вршат заловување на диви животни. Граѓаните се интересираат дали во градот воопшто постои некоја служба која би можела да интервенира?
Пред два дена змија од видот смок беше забележана на игралиштето на Фудбалската федерација на Македонија во општина Аеродром, коешто е оддалечено два километра од поликлиниката. Змијата беше забележана во поттрибинискиот простор под детската ложа на игралиштето.