Седумтемина претенденти за функцијата претседател на Македонија ја прифатиле понудата на Македонската радио телевизија за дебата и таа ќе биде пренесувана вечерва со почеток во 20 часот.
Од јавниот сервис ја потврдиле информацијата дека сите кандидати за шеф на државата ја прифатиле поканата за дебата, откако вчера и актуелниот претседател и претендент за втор мандат, Стево Пендаровски соопшти дека ја прифатил поканата.
Периодов наназад во јавноста имаше повеќе информации за тоа кој ја прифатил поканата за соочување
Пендаровски соопшти дека ја прифатил поканата за дебата, иако останува на ставот дека треба да се расчисти случајот со индиции за лажни анкети за рејтинзите на кандидатите и партиите поврзан со Македонската радио-телевизија.
Пендаровски претходно во неколку наврати иницираше т.н. мастер-дебати кои, како што неодамна соопштија од неговиот изборен штаб, нема услови за да се одржат.
На овие избори учествуват актуелниот претседател Стево Пендаровски, како кандидат поддржан од СДСМ, Гордана Силјановска- Давкова со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска од „Левица“, Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“, Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, и Максим Димитриевски од „Движењето ЗНАМ За наша Македонија“.
Првиот круг од претседателските избори се закажани за 24-ти април. На 8-ми мај, заедно со парламентарните избори, ќе се одржи и вториот круг од претседателските избори.