Одржување на отчетен конгрес, а подоцна и избори во редовите на партијата, најави денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Во одговорот на новинарско прашање тој рече дека се работи за стандардна процедура предвидена и за изборите што ќе се одржат на 8 мај.
Ова тој го искоментира како одговор на тоа дали ќе поднесе одговорност по големата разлика во првиот круг на претседателски избори помеѓу Гордана Силјановска Давкова и Стево Пендаровски.
– Кај нас статутот бара одржување на отчетен конгрес со анализа на резултатите и после да има избори во кој се бара изјаснување за избор на претседател на партијата како и други партиски органи како централен одбор, извршен одбор, потпретседатели и така натака,Тоа е стандардна процедура, рече Ковачевски.
Тој рече дека по изборите ќе се прават анализи на ниво на општинските организации, како и на ниво на извршниот и централниот одбор.
Во меѓувреме ги повика гласачите масовно да излезат да гласаат на претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат на 8 мај.
– Граѓаните испратија јасна порака – таа порака ние јасно ја примивме, но со крената глава продолжуваме во вториот круг. Знам од што се незадоволни граѓаните, порача Ковачевски.
Тој додаде дека во негативен прилог во однос на изборниот резултат оделе серијата на глобални кризи и големата инфлација.