Министерство за финансии бара да се испита поскапувањето на полисите за осигурување на возилата

Барање до Комисијата за заштита на конкуренцијата да испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување во случајот на поскапувањето на полисите за осигурување на возилата, побара денеска Министерството за финансии. Тоа реагира врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување која денеска соопшти дека ваквото поскапување е неоправдано. МФ свика итна седница на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност за да ги разгледа сите аспекти од одлуките на осигурителните друштва за зголемување на премијата.

Во соопштението до јавноста МФ објаснува дека премијата за осигурување се состои од две ставки: техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

-При тоа посочуваме дека техничката премија којашто е дел од премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, а која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата, останува непроменета. Со донесените одлуки од страна на осигурителните  друштва, кои се доставени до Агенцијата за супервизија на осигурувањето на  23 април 2024 година, а со примена од 25 април 2024 година, е извршена корекција на цената во делот на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци), појаснуваат од Финансии.

Во понеделник Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ќе одржи нова седница на која Националното биро за осигурување треба да поднесе извештај за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании. Односно, ќе се преземат соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

-Врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување, која е регулатор на осигурителниот сектор, денеска се обративме и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување, а согласно одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата, се наведува во соопштението.

Претходна вестХеројот кој беше убиен во Вејце доби мурал во Куманово
Следна вестКовачевски: По изборите ќе имаме отчетен конгрес и партиски избори во СДСМ