Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа пред граѓаните на Куманово зборуваше за неговиот концепт на обединување, без поделби без дискриминација кон кого било. Тој посочи дека опозицијата со својата понуда сака да ја врати државата назад, дека одново сакаат да го делат народот, да вршат притисоци врз граѓаните.
-Најголемиот проблем за напредокот на државата се поделбите внатре. Ние имаме и неповолно опкружување, имаме и соседи кои долги години нѐ негираат, некои од нив продолжуваат да нѐ негираат, ние со тоа ќе се справиме, проблемот е како да се справиме со наши државјани, со наши граѓани кои не разбираат дека тоа што ќе го кажеш во изборната кампања, мораш да го реализираш по изборната кампања. Ако тие се во ситуација да бидат на власт и овој концепт го реализираат, ние се враќаме во раните 90ти кога националистите ја диктираа иднината на судбината на народите и на државите на Балканот, порача Пендаровски.
Кандидатот Пендаровски истакна дека во вториот круг сè почнува од нула – нула и од граѓаните ја побара поддршката на изборниот ден на осми мај.
-Знам дека многумина сметаат дека изборот не се решава во првиот круг, туку во вториот и дека сите политичари се исти. Но не сме сите исти. Мојата понуда е многу поразлична од таа на мојата противкандидатка, а во изминатите пет години мене ме гледавте секаде како ваш претседател. Да не се враќаме во времињата на „заробена држава“. Сечиј глас е важен и сечиј глас решава. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1, порача Пендаровски.