„Ние работниците“, „Бараме плата колку вашата“, „Работниците ве бираат“, „Власта – слуга на капиталот“…, беа само дека од паролите истакнати на денешниот првомајски протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија. На протестот по повод на Меѓународниот ден на трудот учесниците побараа пораст на платите во приватниот и јавниот сектор, минимална плата од 450 евра во првите сто дена од новата влада, исплата на трошоци за храна во висина од 20 проценти и исплата на трошоците за превоз, ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Протестот започна пред зградата на Работничкиот дом во Скопје, потоа кон Собранието, па Министерство за правда, а заврши пред зградата на Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов порача дека работниците даваат црвен картон поради обидот да се направи притисок врз синдикатите.
-Денеска ние работниците се собравме пред Работничкиот дом, домот кој сакаат да го конфискуваат од нас за да го уништат синдикалното движење. Работничкиот дом пред кој повеќе од 70 години ги започнувавме сите протести, сите штрајкови и денеска го започнуваме големиот работнички протест. Ние работниците дадовме црвен картон на судот заради тоа што направи обид да изврши притисок врз синдикатите да ги уништи, дозволи функционерска чизма на вратот на работниците за да молчат, да бидат понизни, тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние синдикатите, ние работниците, ние граѓаните, пензионерите сме сите тука денеска за да покажеме дека колку повеќе не напаѓаат, толку посилни нѐ прават и колку повеќе се обидуваат да ги уништат синдикатите ние се повеќе сме силни, порача Трендафиловски.
На денешниот протест не се приклучија 11 граѓански синдикати, меѓу нив СОНК, УПОЗ, Синдикатот за транспорт и врски и Синдикатот на станбено – деловни, комунални и водостопански организации. Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија рекоа дека ваквата одлука е затоа што во моментов има техничка влада.
Фото : Фејсбук ССМ