Во соседна Србија од синоќа е кинескиот претседател Си Џинпинг. Првиот човек на Кина денеска пред Палатата Србија беше пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Заедничко челично пријателство“ меѓу Кина и Србија е главната порака која ја дадоа двајцата претседатели Си и Вучиќ. Тие најавија дека двете нивни држави ќе ја зголемат соработката.
-Заеднички објавивме дека ќе изградиме заедница меѓу Кина и Србија со заедничка иднина во новата ера, што ќе отвори ново поглавје во историјата на кинеско-српските односи. Пред осум години Србија стана првиот сеопфатен стратешки партнер на Кина во Централна и Источна Европа денеска станува првата европска земја каде што ќе изградиме заедница со заедничка иднина, рече кинескиот претседател.
На вториот ден од посетата се очекува да бидат потпишани и околу 30 договори за соработка и комерцијални договори меѓу двете земји.
Инаку, пред палатата Србија, каде што се сретнаа Си и Вучиќ, кинескиот претседател беше пречекан од илјадници насобрани граѓани кои вееја кинески и српски знамиња.
Вучиќ му се заблагодарил на Си за неговата поддршка за територијалниот интегритет на Србија и за „бројните прашања на меѓународната сцена“. За српскиот претседател договорот за стратешко партнерство од 2016 година значително придонел за економскиот напредок и истакна дека три кинески компании – железарницата Хбис и рудниците за бакар и злато Зијин се најголеми извозници од Србија.