Ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, порача вечерва Гордана Силјановска-Давкова, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за македонски претседател, која има речиси недостижна предност во финишот на пребројувањето на гласовите по денешните претседателски избори. На прес-конференцијата та арече дека ќе го исполни сето она што го ветила во изборната кампања.
-Ќе бидам претседателка на сите граѓани, тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може еден претседател да обединува ако држи партиски линии. Портите на моите канцеларии се отворени за сите и јас ќе го исполнам тоа што го ветив во кампањата, рече таа.
– Мојата најголема честитка е до граѓаните, искрено си се прашувам со што ја заслужив оваа чест? Јас знам дека се подготвував, се посветив на кампањата и го зборував тоа што го мислам, но наградата е непроценлива за мене. Тоа значи огромна одговорност. Граѓаните покажаа граѓански имунитет, отпорност на притисоците. Да повикувате на бојкот е партиски политички притисок. Се одважија македонските граѓани да излезат стамено и да го дадат гласот на оној за којшто сакаат. Мене не ми се случило да ги убедувам дека сум најумна или неповторлива, туку секогаш оставав изборот да го направат тие. И мислам дека вистински избор направија. Јас мислам дека со мене, држете ме на зборот, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, субверзивни, свои, стамени, кои умеат да изразат став поинаков од машкиот, тоа ќе биде голем исчекор. И тоа е за мене реформски чекор, исто како и тоа што многу партии, меѓу кои и новопојавени, навистина политички настапија. Тоа значи опозиција да поддржи опозиција. Значи, не повикуваа на бојкот, не сатанизираа, туку оставија простор за преговори, за договори. Во политиката морате да оставите простор за идниот ден. Ако не ги мерите зборовите, тогаш многу тешко ќе влезете во дијалог. Иако, кај нас, срамот одамна го нема, рече Силјановска Давкова.
Таа рече дека сѐ уште не знае како е да се биде претседателка, ама ќе се навикне.Додаде дека ја слушнала изјавата на Пендаровски дека и ѕвонел на телефон за да и честита.
-Ама за жал, сум го заборавила телефонот дома, додаде Силјановска Давкова.