Во Македонија често се случуваат чуда. Едно од последните е дека во земјава се појавија многу професори, експерти и аналитичари кои го штитат Уставот. Просто, како само да чекале да се појави прилика па да го покажат своето душегрижништво за владеење на правото во Македонија.
-Уставот е позначаен акт од Изборниот законик и според тоа треба да се почитува одлуката за уставното име на Република Северна Македонија која важи од 2019 година и се однесува на примена на името на државата, ќе рече еден таков загрижен професор, по повод претседателската заклетва на Гордана Силјановска Давкова.
Други експерти кажуваа дека настапот на претседателката бил неуставен и ставаа точка. Трети дека тоа било опасна игра, четврти…
Добро е што имало во Македонија луѓе кои бараат почитување на Уставот и тоа гласно го кажуваат. Зошто ова е чудо? Па затоа што до сега имаше многу кршења на Уставот во земјава, ама ваквите реакции ги немаше.
Колкумина реагираа кога беше заобиколен референдумот за името? Тогаш тој не помина оти не гласаа повеќе од половината граѓани, ама власта… Тоа по Уставот беше?
Уставен ли беше изборот на Талат Џафери за претседател на парламентот на 27 април 2017 година?
Има уште да се набројува вакви примери. Но, сега сосема друга е поентата.
Добро е што се појавија решителни заштитници на македонскиот устав, ама одлично ќе биде ако тоа го прават секогаш кога ќе биде игнориран – заобиколен највисокиот правен акт на Македонија. Сега загрижениве малку доцнат, но имаат време да се поправат. Во спротивно ќе се подразбере дека критиките не им се за заштита на уставниот поредок во земјата, туку како дневнополитичка реакција.