Македонскиот ракометен репрезентативен голман Мартин Томовски кој до сега ги бранеше боите на РК Вардар 1961 потпиша договор на една година со германскиот ракометен клуб Потсдам.
Потсдам од следната сезона ќе настапува во Бундес лигата, моментно на три кола до крајот на втората германска лига е на првата позиција.
Томовски ќе има можност повторно да брани во елитното германско ракометно друштво откако пред Вардар настапуваше за тимот на Лудвигсхафен. Македонецот би требало да биде прв голман во Потсдам, ако се знае дека доаѓа како замена за Ласе Лудвиг, кој летово ќе го напушти овој тим.
„Црвено-црните“ се обидуваа да го задржат одличниот чувар на мрежата во своите редови, но на крајот пресудна се покажа желбата на Томовски повторно да биде дел од најсилната лига во ветот.
-Со нетрпение го очекувам моето доаѓање во Потсдам за да можам по вторпат да заиграм во најдобрата лига во светот. Сега сум повозрасен и поискусен отколку кога првиот пат бев дел од Бундес-лигата. За мене е големо задоволство што доаѓам во тим како Потсдам, со голем број млади и исклучително талентирани ракометари. Можам да ветам дека ќе дадам се од себе за да ги оствариме амбициите што ќе бидат зацртани, изјави Томовски за клупската веб-страница на неговата нова екипа.