Од Косово во Македонија е екстадиран Бесим Красниќи кој во наша семја е осуден на долгогодишна затворска казна. МВР денеска соопшти дека полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР и Единицата за интервентна полиција на СВР Скопје го завршија процесот на екстрадиција од Косово во Македонија на Бесим Красниќи (44).
-Тој се бараше со меѓународна потерница по наредба на Основен кривичен суд Скопје за издржување на казна затвор за сторени кривични дела разбојништво, тешки дела против општата сигурност и казнување за подготвување во врска со кривично дело тероризам. Лицето е спроведено во КПУ Идризово, се наведува во соопштението.
Тој беше уапсен од страна на косовската полиција на 3 мај врз основа на меѓународна потерница, издадена на барање на Македонија. Според соопштението на судот во Урошевац, против лицето, идентификувано со иницијалите Б.К., е покрената потерница од Интерпол, поради сомневање дека е сторител на кривични дела „подготовка на терористички дела и разбојништво“.
– Против обвинетиот е распишана меѓународна потерница од Интерпол, со барања од 2 април 2005 година и 9 мај 2008 година од државата Македонија. Обвинетиот Б.К. е осомничен дека ги сторил казнените дела во државата Македонија и на 03.05.2024 година е приведен и уапсен од Единицата за брзи интервенции и Единицата за борба против наркотици во Урошевац, се вели во соопштението.
Во него се наведува дека странките се известени оти жалбата против ова решение не го одлага неговото извршување.
Бесим Красниќи се бара за издржување на вкупно 28 и пол години затвор за серија на кривични дела.
Косовската полиција тогаш го приведе и Агим Красниќи, Сехат Рамадани и Фадиљ Точи кои се уапсени во Урошевац. За нив се распишани меѓународни потерници од страна на македонската полиција. Агим Красниќи е во бегство од февруари во 2020 година, кога не се врати во штипскиот затвор по слободен викенд. За доиздржување на казната затвор има уште 3 години и 3 месеци.