Поведена е дисциплинска постапка против двајца полицајци откако странски државјани ги пријавиле дека им барале поткуп.
-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР постапи по примена пријава од странски државјанин за кривично дело “Примање поткуп“ предвидено по чл. 357 од КЗ против двајца полициски службеници од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје , објави министерот Тошковски.
Во информацијата се вели дека од извршените проверки е утврдено дека пријавените полициски службеници согласно утврдениот распоред за работа на 03/04.04.2024г. во времето од 22 часот до 06 часот биле задолжени за вршење на служба со наредба за извршување на работни задачи на конкретни точки со точно утврдено време и биле задолжени со мобилен систем за снимање со камери, но истите постапиле спротивно на наредбата и со службеното возило се движеле на локации кои не биле предвидени и преземале мерки на друга локација, а притоа го исклучиле системот за снимање.
Со наведените дејствија полициските службеници постапиле спротивно на Правилникот за вршење на полициски работи и стандардните оперативни процедури поради што против истите е поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка и доставено е писмено известување до надлежното Обвинителство.