Новата влада се очекува да биде формирана до 20 јуни и веројатно ќе ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата на опозициските партии на Албанците „Вреди“ и Движењето ЗНАМ, објави Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
На неговиот профил на социјалната платформа „Икс“ тој, по вчерашното прегласување за парламентарните избори на седум избирачки места во изборните единици 5 и 6, ги сподели и сумираните резултати што вчера вечер ги објави Државната изборна комисија (ДИК) по прегласувањето во двете изборни единици.
Според нив, тоа донесе мала, но значајна промена во распоредот на пратеничките мандати во идниот парламентарен состав.
Коалицијата „Вреди“ доби еден пратеник повеќе и наместо 13, колку што имаше по изборите на 8 мај, сега има 14, на сметка на коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, која по прегласувањето во едно избирачко место во Желино во шестата изборна единица, остана со еден мандат помалку.
Сега, коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на изборите со освоени 58 пратенички мандати, „Коалицијата за европска иднина“ на СДСМ и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ имаат по 18, коалицијата „Вреди“ 14 мандати и Левица и „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ на Максим Димитриевски по шест мандати.