Претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска е во Ватикан каде се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциск, но не и со бугарскиот претседател Румен Радев околу што имаше подготвеност. Како што објасни македонската претседателка средбата со Радев не се оствари поради неусогласување на агендите. Подготвеност за средба имало и од двете страни и таа е планирана за некоја наредна прилика.
-Изразивме, и јас изразив, и претседателот Радев, спремност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент ќе ја реализираме, изјави Силјановска – Давкова.
Со папата Силјановска разговарала за поддршката за евроинтеграцијата на земјава, но и на целиот Западен Балкан, како и за актуелните светски случувања.
– Се усогласивме околу актуелните проблеми, околу поддршката на земјава кон Европската унија, поддршката на папата на Западен Балкан и рековме дека по 30 години од соработката, успесите се очигледни. Потврдивме дека посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само за малото стадо на кое му порача да не се плаши, туку за сите религии и дека сме пример за релиогиозен дијалог кој ќе продолжи, како и дека Ватикан верува во нашата сила, изјави Сиљановска – Давкова.
На средбата, како што рече шефицата на државата, изразила разбирање за склучување на конкордат со Ватикан, бидејќи системски треба да се пристапи кон решавањето на прашањата врзани особено за статусот на Католичката црква и христијаните на католичката религија кај нас. Таа посочи оти овие прашања таа самостојно не може да ги реши бидејќи не е надлежна, но дека во соработка со Владата може многу лесно да се надминат.
Радев денеска ќе присуствува во базиликата „Свети Климент“ на литургија за Свети Кирил и во црквата „Санта Марија Маџоре“, а претседателката Сиљановска-Давкова, според агендата, утре ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители со посета на базиликата „Свети Климент“ каде се наоѓа гробот на Св. Кирил.
Традиционално на средбата со Папата, претседателката и папата си размениле подароци. Сиљановска-Давкова му подарила резба на која е прикажана птицата феникс, која, како што изјави шефицата на државата, е асоцијација дека како феникс сме се кревале секогаш и сме наоѓале сила за соработка. Силјановска- Давкова на поглаварот на Римокатоличката црква му врачила и икона, подарок од архиепископот на Македонската православна црква -ОА, г.г. Стефан.
Фото: претседател.мк