На Спортскиот аеродром Скопје, денеска со почеток од 12:00 часот, како и утре со почеток од 7:30 часот, ќе се одржи вториот натпревар од Лигата во прецизно слетување со едрилица.
Натпреварот е дел од серијата натпревари што ќе се одржат во пет градови ширум земјава – Штип, Скопје, Куманово, Битола и Прилеп.
Лигата во прецизно слетување со едрилица е нов и возбудлив натпреварувачки формат, велат од Аероклуб Скопје, и ги привлекува најдобрите пилоти од земјава и пошироко.
Лигата се состои од пет натпревари, при што секој натпревар се одржува во различен град.
Целта на натпреварот е да се слета едрилицата што е можно поблиску до означената целна точка на полето за слетување. Поените се доделуваат според близината на првата допирна точка на едрилицата до целната точка.
-Сите резултати се собираат во вкупна табела, а на крајот од лигата, натпреварувачот или тимот со најмногу поени ќе биде прогласен за победник, велат од Аероклуб Скопје.