Голманот Васил Гогов уште две сезони, до јуни 2026 година, ќе го носи дресот на Ракометнот клуб (РК) Вардар 1961. Гогов од 2019 година е дел од Вардар, секоја сезона се повеќе напредува и се наметнува со својот квалитет, па клупскиот менаџмент верува дека тој ќе биде „факторот Х“ во иднина и ќе биде уште подобар.
Гогов има искуство од играње во Лигата на шампиони (ЛШ) и во СЕХА лигата. Со Вардар ја освојуваше титулата во домашното првенство, беше победник во Купот и на Супер купот на Македонија.
–Гогов е голман кој е иднината на македонскиот ракомет, и тој допрва ќе блеска. Вардар е задоволен од неговото напредување и убеден сме во уште подобри игри во иднина.
Тој беше дел од голманскиот тим каде што можеше да научи и да „украде“ од поискусните и време е да добие поголема минутажа во иднина. Вардар секогаш е место каде што ќе има шанса за докажување и за напредување, вели Борко Ристовски, извршниот директор на Вардар.
На едно коло до крај на првенството, Вардар е во игра за шампионската титула, но не зависи се’ од него, туку ќе мора да ги чека резултати од ривалите што би му оделе во корист.