Во Македонија на 31 јануари минатата година т.н. стапка на затворање изнесувала 142 затвореници на 100.000 жители, што претставува нејзино зголемување за 25,5 проценти на годишно ниво, покажуваа податоците од Годишна казнена статистика на Советот на Европа за 2023 година.
Со ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Македонија се наоѓа на второ место меѓу членките на Советот на Европа според растот на стапката на затворање зад Молдавија, каде таа е зголемена за 52,1 отсто. Зад земјава се Кипар со раст на стапката на затворање од 24,8 проценти, Турција со 15, Азербејџан со 12,5, Ирска со 11,7, Црна Гора со 11,3, Ерменија со 10,6, Хрватска со 10,4 и Унгарија со 8,7 проценти.
Најголемо намалување на стапката лани на 31 јануари 2023 споредено со истиот датум во 2022 година бележи Литванија од 8,9 отсто, пред Естонија од 8,8 и Грција од 5,2 проценти.
Од останатите земји од регионот, во Бугарија стапка на затворање за една година е зголемена за 8,1 отсто, во Србија за 4,2, во Словенија за 2,1 и во Албанија за 1,6 проценти, додека во Романија таа е непроменета. Инаку, просечната стапка на затворање во Европа бележи раст од 2,4 отсто.
Гледано, пак, номинално, со 142 затвореници на 100.000 жители Македонија е на 15-то место меѓу 48 затворски управи на земјите членки на Советот на Европа опфатени со анализата.
Најниски стапки на затворање се регистрирани во Финска од 52 затвореници на 100.000 жители, Холандија од 52, Норвешка од 55, Германија од 67, Словенија од 68, Данска од 71, Швајцарија од 73, Ерменија од 79, Шведска од 80 и Ирска од 85 затвореници на 100.000 жители.
Вкупниот број затвореници во земјите опфатени со Годишната казнена статистика на 31 јануари 2023 година изнесувал 1.034.876 лица. Најмногу затвореници или 348.265 имало во Турција, пред Велика Британија со 90.964, Франција со 72.294, Полска со 71.228, Германија со 56.294, Италија со 56.127, Шпанија со 55.909 и Украина со 42.708 затворени лица.
Просечната возраст на македонските затвореници е 35 години, што е под просекот утврден во 40-те затворски управи опфатени со анализата, кој изнесува 38 години.
Најмлади затвореници во просек има Бугарија со просечна возраст од 33 година, пред Шведска со 34 и Данска, Молдавија и Франција, каде просечната старост на затворската популација, како и во земјава изнесува 35 години.
Највозрасни затвореници со просечна старост од 50 години има Србија, пред Грузија со 44, Италија со 43, Португалија и Шпанија со по 41 и Естонија, Албанија, Чешка и Норвешка со затвореници со 40-годишна просечна возраст.
Речиси една третина од лицата што се наоѓале во европските затвори на 31 јануари минатата година бил во притвор. Во Северна Македонија на овој датум 12,3 отсто од лицата сместени во КПУ биле во притвор, со што земјава се наоѓа на петтото место според најмала стапка на притвореници. Помалку лица во притвор имале само Чешка со 7,5, Полска со 11,4, Литванија со 11,2 и Романија со 12,1 отсто од вкупниот број лица лишени од слобода. Најголема стапка на притвореници имало во Албанија од 55 отсто, пред Ерменија со 53, Луксембург со 49, Швајцарија со 46, Холандија со 45 и Црна Гора со 42 проценти.
Во 2022 година просечната должина на казната на затворениците во европските затвори изнесувала 10,1 месец, што е над трипати повеќе од просечната должина на затворските казни во Северна Македонија, која изнесува три месеци и ја рангира земјата на второто место меѓу државите со најкуси казни, веднаш зад Швајцарија каде тие изнесувале 2,1 месеци. Веднаш зад земјава со просечна должина на затворските казни од 3,7 месеци е Луксембург, пред Холандија со 4,2 и Германија со 4,4 месеци.
Главна причина за отслужување затворски казни во 45 затворски управи на членките на Советот на Европа биле кривични дела поврзани со наркотици. Така, на 31 јануари 2023 година за дела поврзани со наркотици биле осудени 18,5 проценти од затворениците, по што следуваат пресуди за убиство или обид за убиство со 12,8, за кражба со 11,5, за грабеж со 7,7, за физички напад со 6,7, за сексуални престапи без силување со 4,6, за силување 4,3 и за економски или финансиски криминал или сообраќајни прекршоци по три отсто.