Загубената контрола врз возилото и излетувањето од патот завчера ја придружуваа тешката сообраќајна незгода на скопскиот булевар „Србија“ во која е тешко повредено 20-годишното момче. Истрагата, нема дилеми, сигурно ќе покаже дека возилото во тој момент се движело со преголема брзина. Тешко оштеното возило, кое речиси се преполовило по ударот во бандера за осветлување, тоа, бездруго, и го докажува.
И оваа незгода, за жал, само е нова во низа на сообраќајки кои што се случуваат на разни подрачја во земјава, а чија што главна причина е пребрзото возење и излетувањето од патот. Такви сообраќајки веќе зачестија. Изминативе недели и месеци во полициските билтени можеа да се најдат повеќе извештаи за сообраќајни незгоди во кои се случило излетувањето од коловозот.
Така, на пример, на 03.06.2024 во 15.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на локалниот пат с.Опае-с.Оризаре, липковско, на место викано „Розафа“, патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Р.С.(46) од с.Оризари, излетало надвор од коловозот. При ова, со тешки телесни повреди се здобила неговата сопатничка Р.С.(43) од с.Оризари констатирани во Општа болница Куманово. Три дена шретходно, на 31.05.2024 во 14:42 часот во СВР Битола било пријавено дека на земјен пат во атар на село Кременица, битолско, Ж.Р.(63) од село Средно Егри, битолско, управувајќи патничко возило „форд“ со битолски регистарски ознаки, изгубил контрола и излетал од коловозот, стои во соопштението од МВР. Од здобиените повреди возачот починал на местото на несреќата, а смрт била констатирана од лекар од Итната медицинска помош. Истиот ден, триесет и четиригодишен скопјанец со своето возило излетал од патот Гостивар-Тетово при што се здобил со тешки повреди.
Десетина дена порано, на 20.05.2024 во 13.00 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на магистралниот пат А2, кај с.Трапчин Дол, кичевско, патничко возило „фолксваген туран“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од А.Б.(32) од с.Колибари, кичевско, излетало од коловозот.
-Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот А.Б., а сопатникот Л.Џ. се здобил со телесни повреди, констатирани во Медицинскиот центар Кичево, соопшти полциијата.
На 9 мај, пак, на магистралниот пат Македонска Каменица – Виница, на место викано „Каменолом“, патничко возило „фолксваген тигуан“ со делчевски регистарски ознаки, управувано од Д.Ј.(42) од Делчево, излетало од коловозот. На местото на несреќата од здобиените повреди починал возачот…
Очигледно, сообраќајните незгоди во кои возилата излетуваат од патот стануваат се почести и ги надминуваат оние во кои што доаѓа до судири на две или повеќе возила. Зошто е тоа така? Нема дилеми дека зад ова стои пребрзото и неприлагоденото возење од страна на возачите, невнимавање на условите на патот, на карактерот на кривините, на контролата врз возилото… Односно, факторот човек-возач е главна причина за вакви сообраќајки.
-Тука е и голема одговорност на самите возачи, на оние кои управуваат со возилото, кои решаваат со која брзина ќе навлезат во некој опасен свиок, кои не водат сметка за условите на коловозот, за ограничувањето на брзината, за можноста да се појави некое животно. Има повеќе фактори на кошто треба да се внимава за да не се случуваат вакви сообраќајни незгоди. Со поголема дисциплина и со поприлагодени патишта, тие навистина би можеле значително да се намалат, смета сообраќаен експерт Пеце Лозанов.
И на неодамнешната Меѓународна конференција за безбедност во сообраќајот на патиштата во организација на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) беше укажано дека човечкиот фактор е клучен за сообраќајните несреќи. Се кажа дека иако имаме тренд на намалување во изминатите три години има околу 120 жртви во сообраќајни несреќи, според сите анализи убедливо најголема причина за сообраќајните несреќи е брзото возење, над 60 проценти.
-Просечно имаме околу 250 илјади казни годишно, значи тоа покажува колку интензивно работи МВР, но и колку интензивно не се почитуваат правилата. Ние продолжуваме да работиме и превентивно, да влијаеме на свеста на граѓаните, но и репресивно, затоа што за жал кај некои од граѓаните нашите пораки не доаѓаат, изјави тогаш портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Пораката од собирот беше дека ако сите ги почитуваме правилата нема да имаме сообраќајни несреќи. Но, до таа цел потребни се големи промени во однесувањето, првенствено од страна на оние кои ги управуваат возилата…