Ревизорите утврдија: За четири години од продажба на најквалитетниот домашен мермер државата добила само 1 процент од приходот – 1,7 милиони евра

За четири години државата добила само 1,7 милиони евра од експлоатација на најквалитетниот мермер, што претставува само еден процент од приходите што од продажбата ги остварил концесионерот. Надоместоците за користење простор се ниски, а начинот за пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни цени кои ги остваруваат концесионерите, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите извршиле ревизија на успешност на тема „Ефикасност на постапките за доделување на правото за вршење на експлоатација на минерални суровини и реализација на склучените договори, со посебен осврт на мермерот“. Целта била да се одговори на прашањето: „Дали политиките и преземените мерки и активности од надлежните органи обезбедуваат сигурност за ефикасно доделување на концесии и надзор над реализацијата на склучените договори за експлоатација на минерални суровини, со цел да се обезбеди нивна оптимална искористеност?“

Во извештајот се објаснува дека вршење на експлоатација на минералните суровини се стекнува (концесионер) со добивање концесија која ја доделува Владата (концедент) согласно утврдени постапки. За експлоатација на минерални суровини заклучно со 2022 година се доделени вкупно 348 концесии на 257  концесионери, на вкупна површина од 333,73 км2, што претставува 1,3 отсто од вкупната територија на државата, од кои за експлоатација на мермер се доделени 29 концесии.

Ревизорите додаваат дека концесионерот кој што врши експлоатација на минерални суровини е должен да плаќа: годишен надомест за користење на просторот и надомест за експлоатирана (продадена) количина на минерална суровина, предмет на концесијата. Средствата се уплатуваат на соодветна уплатна сметка во рамките на трезорската сметка и се 22 отсто приход на Буџетот на Република Северна Македонија и 78 проценти приход на буџетот на општината на чие подрачје се врши концесиската дејност, појаснето е во извештајот.

-Висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е утврдена на ниско ниво, а воспоставениот начин на пресметка на надоместоците за експлоатирани количини не ги одразува реалните пазарни/продажни цени кои ги остваруваат концесионерите и не придонесува за правично и рамноправно оптоварување на концесионерите. Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 – 2022 година претставуваат 1 отсто од остварените приходи од продажба на концесионерот, се наведува во извештајот.
Ревизорите предупредија дека со извршено аерофотограметриско снимање од страна на експерт/геодет на дефинираниот простор на концесијата, кај 2 концесии утврдиле ископ на минерална суровина надвор од дозволата за експлоатација што ја поседуваат концесионерите на вкупен простор од 9.989 м 2, што создава ризик концесионерите да не го пресметуваат и плаќаат надоместот за експлоатираните количини надвор од експлоатационото поле.

Фото: Илустрација

Претходна вестИзработен нов електронски дневник, ќе се тестира во неколку основни и средни училишта
Следна вестПустинска прашина од Сахара денеска и утре ќе ја зафати Македонија