Утре свечено отворање на 45-то издание на фестивалот Скопско лето со ексклузивен концерт

Во петок на 21 јуни 2024 година, во Куршмли Ан, со почеток во 20:00 часот свечено ќе биде отворено 45-то издание на фестивалот Скопско лето, со ексклузивен концерт, за првпат во Македонија, на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ.

Тој доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“, комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои свири со нозете. Неговите авторски албуми беа наградени со 5 престижни награди за дискографија „Порин“ (познато како хрватско Греми), а Хрватскиот музички сојуз 6 пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.

Инаку, дваесет и два концерти, седум театарски претстави од кои три се за деца, седум изложби, како и две промоции на книги ќе бидат дел од годинешното јубилејно 45. издание на фестивалот „Скопско лето“ што ќе се одржи од 21 јуни до 31 јули кога ќе се затвори со концерт на Музичка младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ во Сули ан.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност Никола Глигоров на вчерашната прес-конференција посочи дека за оваа година за програмата на фестивалот се обезбедени 800 илјада денари од Министерството за култура.

-Се обидовме оваа година да направиме достојна програма за Скопско лето за јубилејното 45 издание. Своевремено, ние имавме 2 милиони денари од Градот Скопје и 2 милиони денари од Министерството за култура, но оваа година програмата ја правиме само со 800 илјада денари од Министерството за култура. Се надевам дека публиката ќе ужива, рече Глигоров.

Глигоров се заблагодари на оние луѓе што во 1980 го стартуваа „Скопско лето“.

Сања Шуплевска од Уметничкиот центар „Полифонија“ на прес-конференцијата најави дека првиот нивен проект е Вивалдијада, што ќе се одржи на 25 јуни во соработка со хорот „Св. Злата Мегленска“. Таа го најави и настапот на Националната опера и балет – балетската гала, која ќе се случи следната среда на 26 јуни, од најдобрите и најпознатите балетски претстави кои се одиграа оваа година.

Горан Наумовски, кој е дел од организацијата на Скопско лето и кој е проектен координатор на концертот на Звјездан Ружиќ, рече дека концертот ќе трае речиси два часа ќе има многу убава програма.

Како што посочи, следен проект е театарска претстава на Штипскиот театар на малата сцена во НОБ, насловена „Лекција“ од Ежен Јонеско, во режија на Ѓорѓи Ризески. Третиот проект е „Најдоброто од Копров“. Концертот е закажан за 4 јули, во НОБ, каде што на еден начин, ќе му биде оддадена почит на Копров за неговото творештво. Ќе настапат Ана Петановска, Наде Талеска, Горан Наумовски, а ексклузивен гостин ќе биде Владо Јаневски.

Маја Чанаќевиќ од ФАМЕС Институтот на прес-конференцијата најави дека на 6 јули во Сули ан ќе се одржи концерт на Оркестарот „ФАМЕС Институтот“, а диригент ќе биде Конрад Ван Алфен. Како солисти ќе настапи Артварк – саксофонски квартет.

Таа посочи дека следниот концерт е на 22 јули во Сули ан, каде што по втор пат во државата ќе настапи романската виолинстика Ирина Мурешану, заедно со американскиот диригент Скот Флавин и заедно Оркестарот „ФАМЕС Институтот“.

Претходна вестМицотакис: Скопје да сфати дека не може да си игра со Атина за прашањето со името
Следна вестФФМ: Го осудуваме националистичкото навредување на македонската држава на ЕП и бараме јавно извинување од Даку